Diyar Güldoğan
06 Октомври 2022•Ажурирај: 06 Октомври 2022
ПРАГА (АА) - Денеска во чешкиот главен град Прага започнува првиот состанок на Европската политичка заедница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Платформата, формирана по предлог на францускиот претседател Емануел Макрон во мај, ќе ги собере лидерите на 27-те земји на Европската Унија (ЕУ) и 17 други европски земји - Туркије, Велика Британија, Украина, Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Азербејџан, Норвешка, Ерменија, Швајцарија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија и Грузија.
„Таа има за цел да поттикне политички дијалог и соработка за прашања од заеднички интерес и да ја зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент“, се вели во соопштението на ЕУ.
„Оваа платформа за политичка координација не заменува ниту една постоечка организација, структура или процес и нема за цел да создаде нови во оваа фаза“, се вели во соопштението.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе биде меѓу лидерите кои ќе присуствуваат на денешниот Самит. Тој ќе одржи придружни состаноци со други присутни лидери, вклучувајќи го и ерменскиот премиер Никол Пашинјан.
„Лидерите на ЕУ, исто така, ќе одржат неформален состанок в петок, на кој во главната агенда ќе бидат војната на Русија во Украина, енергијата и економската ситуација“, се додава во соопштението.