Ekipa
02 Декември 2018•Ажурирај: 03 Декември 2018
ПАРИЗ (АА) - Париската полиција денес соопшти дека во вчерашните нереди кои избија во текот на протестите во Париз повредени се најмалку 133 лица, додека 412 се приведени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Вчерашните протести против зголемувањето на даноците и високите трошоци за живот прераснаа во нереди во најпознатите туристички делови на францускиот главен град.
Активистите, кои на себе имаа жолти елеци, палеа автомобили, кршеа прозорци, ограбуваа продавници, фрлаа камења кон полицијата и ја исцртаа Триумфалната порта со графити.
Полицијата соопшти дека меѓу 133 повредени, 23 биле полицајци.
Во соопштението се додава дека од 412 приведени лица, 378 се задржани во притвор.
Париз веќе две недели е средиште на масовни протести.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги осуди нередите и порача дека одговорните ќе бидат казнети.