Jeyhun Aliyev,Faruk Zorlu
15 Октомври 2021•Ажурирај: 16 Октомври 2021
АНКАРА
Во разговорите со талибанците, Турција вчера ја повтори важноста од формирање инклузивна влада за единството на Авганистан, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Турција го повтори својот совет до талибанската делегација која престојуваше во посета на Турција, за образованието на девојчињата и вработувањето на жените во деловниот живот“, истакна Чавушоглу на прес-конференцијата по состанокот со вршителот на должноста авганистански министер за надворешни работи, Амир Кан Мутаки, во Анкара.
„Уште еднаш ја објаснивме важноста од вклучување на луѓето од сите етнички и верски групи, покрај талибанците, во администрацијата. Особено во овие тешки времиња, ова е важно во смисла на воспоставување единство и солидарност во земјата“, порача Чавушоглу.
Мутаки ја предводеше талибанската делегација во официјална посета на Турција за да разговара за билатерални прашања, како и за соработката за иднината на Авганистан.
Ова е прв контакт на високо ниво меѓу Турција и новата администрација во Авганистан откако талибанците ја презедоа контролата во земјата на 15 август.
Чавушоглу нагласи дека турската Фондација „Маариф“ има 14 женски училишта во Авганистан.
„Тие [талибанската делегација] рекоа дека сите жени, особено во здравствениот сектор, се вратиле на своите работни места“, изјави турскиот министер.
„Талибанските власти се обврзаа дека ќе обезбедат најголема поддршка за авганистанските бегалци кои бараат враќање во земјата од Турција“, рече Чавушоглу, додавајќи дека тие разговарале и за можните мерки за спречување иден миграциски прилив.
Министерот рече дека на состанокот со талибанските претставници присуствувале и високи претставници од турското Министерство за одбрана, Министерството за внатрешни работи и Националната разузнавачка агенција.
Чавушоглу истакна дека за време на состанокот талибанската делегација изнела барања кон Турција за време на состанокот, особено за хуманитарна помош и за продолжување на инвестициите во Авганистан.
Минатиот месец Чавушоглу изјави дека Турција има свој придонес за стабилизацијата и развојот на Авганистан, меѓу другото и во образованието на девојчињата и зајакнувањето на состојбата на жените од 1920-тите години, додавајќи дека Анкара продолжува да обезбедува хуманитарна помош преку турската Црвена полумесечина.
- Хуманитарна помош
„По добивањето информации за најновите случувања во Авганистан, Турција ги сподели своите размислувања со делегацијата“, рече Чавушоглу.
„Ние ѝ ја објаснувавме на меѓународната заедница важноста од одредена ангажираност со актуелната талибанска администрација, а меѓународната заедница, пристрасна и неутрална, веќе е во оваа позиција“, нагласи турскиот министер.
„Како дел од ангажираноста, Турција на Авганистан му достави пакет хуманитарна помош од 33 тони доставен преку границата со Пакистан“, рече Чавушоглу, и додаде дека Турција сега работи на доставување сеопфатен пакет помош.
„Авганистанската економија не смее да пропадне. Ние кажувавме дека земјите што ги замрзнаа сметките на Авганистан во странство и парите, треба да бидат и пофлексибилни во однос на нивната [авганистанската администрација] можност да исплаќаат плати. Добивме информации од нив за најновите случувања во овој поглед“, рече тој.
Во вторникот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предложи создавање работна група за Авганистан под покровителство на групата Г-20 со цел фокусирање кон ситуацијата во таа земја на политички, економски и хуманитарен план.
- Борбата против тероризмот
Во однос на борбата против тероризмот, Чавушоглу нагласи дека сите оставени празнини отвораат простор за зголемување на терористичките напади во земјата, како што беше терористичкиот напад на ДЕАШ на аеродромот во Кабул на 26 август, како и активностите што следуваа во главниот град и другите покраини.
„Гледаме дека ДЕАШ е силен во Авганистан“, додаде тој.
Чавушоглу рече дека од самиот почеток, Турција ѝ пружа совети во однос на тоа прашање на актуелната талибанска привремена Влада, и додаде: „Ние ги искажавме нашите очекувања за повторно отворање на нашите генерални конзулати во Мезар-и-Шериф и Херат.“
„Уште еднаш им ги искажавме [на талибанската делегација] нашите очекувања за безбедноста за работата на аеродромите, особено за започнувањето на редовните летови, односно, не само нашите очекувања, туку очекувањата на целата меѓународна заедница за цивилна авијација“, рече тој.
Талибанците го зазедоа Кабул на 15 август, принудувајќи го претседателот и другите високи државни претставници да ја напуштат земјата. Тие формираа привремена влада на чело со Хасан Ахунд.
Светските сили ги повикаа талибанците да формираат инклузивна влада која ќе го рефлектира етничкиот диверзитет во земјата.