Muhammed Emin Canik
05 Декември 2023•Ажурирај: 05 Декември 2023
РАМАЛА (АА) - Израелската армија рани тројца Палестинци, меѓу кои и едно дете, и приведе три лица за време на рациите во различни области на окупираниот Западен Брег, пренесува Анадолу.
Како што јави палестинската новинска агенција ВАФА, израелските сили извршиле рации во Џенин на Западниот Брег со 50 воени возила придружени со булдожери.
Избувнаа судири меѓу израелските сили што влегоа во градот од улицата Назарет и Палестинците кои се спротивставија на рациите.
Наведено е дека извидувачки авион летал над градот Џенин, снајперисти биле распоредени на покривите на куќите и зградите, а имало прекин на електричната енергија во многу населби во градот и во бегалскиот камп Џенин.
По рациите, булдожерите на израелската армија ја уништија инфраструктурата околу џамијата Тавалибе, областа Зехра и патиштата што водат до кампот.
Израелските сили пратија засилување околу државната болница Ал-Амел во градот Џенин, распоредија снајперисти околу болницата и запираа и пребаруваа возила на брза помош.
Израелските сили, исто така, извршија рации во куќи околу бегалскиот камп Џенин.
Израелската армија рани три лица, меѓу кои и едно дете, во градот Бени Наим, источно од Хеброн. Четиринаесетгодишно дете и две лица биле повредени кога израелската армија отворила оган за време на инцидентите во областа Вади ал-Џауз на влезот во градот.
Соопштено е дека состојбата на 14-годишното дете, кое е рането во градниот кош и раката, е критична, а повредените се пренесени во болниците во регионот.
Израелската армија приведе жена во селото Деир Абу Машал близу градот Рамала на Западниот Брег.
За време на рацијата во градот Налејн, западно од Рамала, израелските сили поставија воен контролен пункт и отворија оган врз оние што се приближуваа.
Израелските сили го приведоа Палестинецот Хусеин Хасан Нал по рацијата и претресот на неговиот дом во бегалскиот камп Ал-Јелзун, северно од Рамала.
Избувнаа судири меѓу израелските сили кои изврпија рација во градот Беит Ликја, западно од Рамала, и Палестинците кои се спротивставија. Израелските сили употребија солзавец и шок-бомби врз жителите што ѝ се противеа на рацијата.