Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
24 Ноември 2019•Ажурирај: 25 Ноември 2019
ИДЛИБ (АА) - Руски воени авиони извршија воздушен напад врз населени цивилни населби во рамките на зоната за намалување на тензиите во Идлиб. Во нападот животот го загубија тројца цивили, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од опсерваторијата на опозицијата соопштија дека руски воени авиони од утринските часови спроведуваат воздушни напади врз селата Маритирме, Ал Дар ал Кебире, Марет ал Нисан и Тавил ал Халиб.
Од извори на сириската Цивилна заштита се дознава дека во воздушниот напад врз селото Марет ал Нисан животот го загубиле тројца цивили.
Од друга страна, режимот на Асад и терористичките групи поддржани од Иран извршија копнени напади врз местото Кефренбил, појасот Кеферума и селата Хас, Бсакла, Дејр Сунбул и Хазарин.
На местото на нападите се испратени спасувачки екипи. Во тек се активности за откривање и спасување на цивилите.
- Минатиот месец загинаа 75 цивили
Според податоците на Цивилната заштита, во нападите што минатиот месец ги изведоа режимот на Асад, Русија и терористичките групи поддржани од Иран, животот го загубија 75 цивили, од кои 13 се деца.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, досега, од нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија повеќе од 1.300 цивили.
Бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно помирни места во близина на границата на Турција за една година надмина 1 милион.