Mehmet Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
30 Март 2020•Ажурирај: 30 Март 2020
ИДЛИБ (АА) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ/ ЕШРЕФ МУСА –
Околу 35.000 цивили кои се раселија поради нападите на Башар ал Асад и неговите поддржувачи, се вратија во своите домови во сириски Идлиб по прекинот на огнот, како резултат на договорот меѓу Турција и Русија, постигнат на 6 март.
Шефот на Координацијата за дејствување во Сирија, Мухамед Халај, во изјавата за Агенција Анадолија (АА) рече дека некои од раселените цивили се вратиле во своите домови откако воените операции на режимот на Асад и неговите поддржувачи запреле по договорот за прекин на огнот.
„Повеќе од 1 милион цивили се раселија од октомври 2019 година, кога режимот ги интензивираше своите напади. По прекинот на огнот, околу 35.000 од нив се вратија во своите домови“, нагласи Халај.
Истакнувајќи дека режимските сили заплениле голем број населби, тој рече дека стотици цивили не сакаат да се вратат во областите кои се под контрола на режимските сили и дека тие ќе продолжат да живеат во камповите на граничната линија меѓу Турција и Сирија.
Халај исто така ги замоли цивилите кои се вратиле во своите домови да внимаваат на остатоците од неексплодираните направи и кога ќе забележат некоја опасна ситуација да ги известат надлежните органи.