Yusuf Soykan Bal
30 Јули 2022•Ажурирај: 31 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Во акција на Турската разузнавачка служба (МИТ) во Сирија неутрализиран е припадникот на терористичката организација ПКК, Нусрет Тебиш, со кодно име Рустем, кој е осомничен за учество во бомбашки напад 2008 година во Истанбул, известува Агенција Анадолија (АА).
Безбедносни извори соопштија дека Тебиш, еден од одговорните за бомбашкиот напад на терористите на ПКК извршен на 27 јули 2008 година во Ѓунѓорен во Истанбул, во кој животот го загубија 18 лица, а 154 беа ранети, по нападот преминал во северниот дел на Ирак, а потоа во Сирија.
МИТ открил дека Тебиш се крие во куќа во градот Хасеке, оддалечен околу 60 километри од границата со Туркије. Спроведена е акција во која е неутрализиран терористот Тебиш.
Во обвинението за Тебиш се бараат 18 доживотни казни затвор под строги услови и 1.258 години затворска казна. Тебиш во терористичката организација пристапил во 1995 година во местото Бајкан, во турската област Сирт. Потоа станува член на Демократската народна партија (DEHAP) и извршувал активности во истанбулските квартови Есенјурт и Бејликдузу. Во тој период делувал и во име на терористите на ПКК, а по нападот во Ѓунѓорен, избегал во северниот дел на Ирак.
Терористите на ПКК на 27 јули 2008 година изведоа бомбашки напад во местото Ѓунѓорен во Истанбул. По првата експлозија во улицата Медресе, активирана е и втора експлозивна направа поставена во канта за смет во прометно подрачје. Во двете експлозии што се случија во период од 10 минути животот го загубија 18 лица, од кои 5 деца, а 154 беа ранети.