Selen Temizer
31 Јули 2018•Ажурирај: 01 Август 2018
СОЧИ (АА) - Специјалниот пратеник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Стефан де Мистура, во Сочи, во рамките на десеттиот состанок на земјите гаранти, со делегациите на Турција, Иран и Русија одржа неформален состанок на кој разговараше за формирање сириска уставна комисија.
Де Мистура и делегациите од земјите гаранти на состанокот разговараа за уставот во Сирија.
Специјалниот пратеник на ОН по неформалниот состанок кажа дека средбата поминала позитивно.
„На земјите членки им презентирав процедури за одредување членови на уставната комисија, која ќе ја сочинуваат припадници на режимот, опозицијата и општествената заедница“, појасни тој.
Од неговата канцеларија е соопштено дека Де Мистура очекува со земјите гаранти на почетокот на септември во Женева да се одржи официјален состанок за уставот.
По состанокот со претставникот на ОН, започна трилатерален состанок со делегациите на Турција, Иран и Русија.
Претставниците на земјите гаранти ќе настојуваат да постигнат договор за конечниот документ кој треба да се прочита на денешниот главен состанок.
Исто така, претставниците на опозицијата и на режимот одвоено ќе се сретнат со делегациите на ОН и на земјите гаранти.
Страните на вчерашните претпреговори договорија заемно ослободување на симболичен број затвореници и заробеници.