Mustafa Deveci
15 Април 2024•Ажурирај: 16 Април 2024
ТЕЛ АВИВ (АА) - Израелскиот воен кабинет денес повторно ќе одржи состанок на кој ќе се разговара за одговор на нападот на Иран, јавува Анадолу.
Воениот кабинет ќе се состане во 14 часот по локално време, а главна точка на дневен ред на состанокот ќе биде одговорот на Израел на нападот од Иран на 13 април, објави „Канал 12“.
Воениот кабинет се состана вчера за да разговара за одговор кон Иран. Израелските медиуми објавија дека членовите на Воениот кабинет имаат различни ставови за одговорот на Техеран и дека не е можно да се постигне консензус.
Во вестите се наведува дека членовите на Воениот кабинет се согласиле за одговор на Иран, но изразиле различни ставови за тоа кога и како да одговорат.
Израел на 1 април изврши воздушен напад врз зградата на иранскиот конзулат во Дамаск. Во нападот загинаа вкупно седум лица од корпусот на иранската револуционерна гарда, меѓу кои и двајца генерали.
Иран најави дека нападот на израелскиот конзулат значи напад на територијата на неговата земја и дека ќе возврати. Израелските власти, исто така, рекоа дека ќе одговорат на иранските напади.
Доцна во сабота вечерта Иран започна напад врз Израел со стотици беспилотни летала „камиказе“, балистички и крстосувачки проектили и објави дека се погодени некои воени цели.
Израел соопшти дека повеќето од нападите биле спречени од системи за противвоздушна одбрана, но еден од проектилите погодил воена база на југот на земјата.