Timo Kirez
19 Април 2023•Ажурирај: 20 Април 2023
ЖЕНЕВА (АА) - Воз од Италија со 20 хаубици за Украина минал низ Австрија во текот на викендот без дозвола, објави денес австрискиот дневен весник „Клајн цајтунг“, пренесува Анадолу.
Австриското Министерство за внатрешни работи за австриската новинска агенција АПА денес потврди дека од „италијанската Амбасада во Виена било соопштено дека на 15.4.2023 воз ќе изврши транспорт на самоодни хаубици М109 од Италија до Полска“.
Транзитот меѓу земјите на ЕУ под одредени услови е ослободен од овластување и не бара известување или одобрение, нагласи портпаролот на Министерството за внатрешни работи.
„Извозот е воен материјал за кој не е потребна дозвола/овластување според австрискиот Закон за воен материјал, член 5(2а), а за транспортот има дозвола за извоз и увоз од двете земји на ЕУ“, додаде портпаролот.
Меѓутоа, според австрискиот Закон за воен материјал, потребна е дозвола за понатамошен транспорт на воен материјал во трета земја. Тоа важи и за овој случај бидејќи хаубиците не се наменети за Полска, туку за Украина.
Поради оваа причина, Министерството за внатрешни работи соопшти дека ја советувало италијанската Амбасада дека „ако воениот материјал треба да биде препратен во трета земја, потребна е дозвола според Законот за воен материјал“.
Оваа дозвола мора да се добие пред транспортот. Доколку се поднесе барање, законот предвидува тоа да го испитаат министерствата за внатрешни работи, за надворешни работи и за одбрана, објаснуваат од Министерството.
Транспортот веќе предизвика бура во Италија. Возот, кој во петокот го снимиле некои луѓе со мобилни телефони, се движел со мала брзина низ италијанската станица Удине во правец кон Австрија.
Како што изјави италијанскиот министер за односи со Парламентот, Лука Цириани, за италијанската телевизија РАИ, станува збор за „самоодни артилериски возила“ наменети за Украина што се дел од пакетот воена помош за кој одлука донела претходната Влада на премиерот Марио Драги, кој е доставен оваа недела.