Halit Süleyman
13 Јули 2016•Ажурирај: 14 Јули 2016
ДАМАСК (АА) - Најмалку 17 лица загинаа, а 40 се ранети во синоќешните воздушни напади на бегалскиот камп „Ес-шарки“ во близина на сириско-јорданската граница, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименувани локални извори за АА кажаа дека неуредениот бегалски камп во сириското погранично место Рувејшид доцна синоќа било цел на седум воздушни напади со касетни бомби.
Според првичните информации од теренот, во нападот загинале најмалку 17, а ранети се 40 лица. Меѓу настраданите поголем е бројот на жени и деца.
Изворите не можеа да потврдат дали нападите се изведени од страна на руските или сириските воздухопловни сили.
Паралелно со тоа, хеликоптери на воздушните сили лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад изведоа жестоки напади врз населеното место Кафр-Хамра во северниот дел на Алепо, а во нападот загинаа поголем број цивили.