Ikrame Imane Kouachi
11 Јануари 2025•Ажурирај: 14 Јануари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Економскиот аспект на израелската тековна војна во Газа го чинела Израел речиси 250 милијарди шекели (67,57 милијарди долари) до крајот на 2024 година, пренесува Анадолу.
Израелскиот весник „Калкалист“ ја објави бројката што ги одразува проценките на Банката на Израел и ги вклучува директните воени трошоци, цивилните расходи и загубите на приходите, но не и целосниот обем на финансиските реперкусии.
Во извештајот за чинењето се истакнува дека е „тежок товар“ и се критикува „неуспехот“ на воените операции, нагласувајќи ја потребата од значителни зголемувања на буџетот за одбраната на Израел во следната деценија.
Буџетскиот притисок предизвика дискусии во Израел, особено за прераспределбата на приходите од ресурсите на природен гас од Медитеранот, кои првично беа наменети за здравствена заштита и образование, но сега се чини дека се пренаменети за покривање на трошоците за одбраната.
Во извештајот се споменува и неодамнешната препорака од Комисијата Нагел, кој предложи дополнителни 275 милијарди шекели (74 милијарди долари) за одбраната во следната деценија со годишни зголемувања од 27,5 милијарди шекели (7 милијарди долари).
Комисијата предложи зајакнување на повеќеслојните системи за противвоздушна одбрана на Израел, меѓу кои и Железната купола и новооперативните ласерски системи како и утврдувањето на границата со Јорданската Долина со силно обезбедена преграда.
Израелската армија уби над 46.000 Палестинци, главно жени и деца, во нападите во Газа кои започнаа по прекуграничниот упад на Хамас на 7 октомври 2023 година. Израелската офанзива ја остави енклавата во урнатини и ризик од глад.