Amir Latif Arain
07 Септември 2026•Ажурирано: 07 Септември 2026
Илјадници патници се блокирани откако индонезиските власти го продолжија затворањето на седум аеродроми, вклучително и главниот аеродром во Џакарта, заклучно 18 часот по локално време, откако вулканската пепел од вулканот Анак Кракатау ги принуди авионските власти да ги прекинат операциите, објавија официјални претставници и локални медиуми, пренесува Анадолу.
Меѓународниот аеродром „Соекарно-Хата“ остана преполн утрово по привременото прекинување на стотици летови поради загриженост за вулканска пепел, објави локалниот весник на англиски јазик „Џакарта глоуб“.
Вулканот Анак Кракатау, оддалечен околу 150 километри од Џакарта, еруптираше во саботата, праќајќи облак од вулканска пепел кон небото.
На аеродромите се забележани долги редици патници што бараа враќање на парите или презакажани летови. Многу летови се одложени за утре.
„Во овој момент станува збор за околу 2.300 летови, а приближно 270.000 патници се погодени од влијанието на вулканската пепел од вулканот Анак Кракатау“, изјави денес Бертон Панџаитан, портпарол на Националната агенција за ублажување на катастрофи, за Анадолу.
Првично осум аеродроми ги прекинаа операциите во текот на вчерашниот ден откако нивото на пепел се зголеми во воздушниот простор.
Заклучно со 9 часот утрово седум аеродроми и понатаму се привремено затворени, а аеродромот „Атунг Бунгсу“ во Пагар Алам продолжи со нормално работење, додаде тој.
Бертон ги нарече затворањата на аеродромите превентивна мерка заснована врз безбедносни причини во воздухопловството.
„Статусот на овие аеродроми постојано се разгледува врз основа на дисперзијата на вулканската пепел и безбедноста во воздухопловството“, додаде тој.
„Наш приоритет е безбедноста и ќе продолжиме со нормално работење штом ќе бидат безбедни условите.“