Ali H. M.Abo Rezeg
16 Септември 2018•Ажурирај: 17 Септември 2018
ГАЗА (АА) - Официјален претставник на палестинското Министерство за здравство денес предупреди дека наскоро ќе престане пружањето здравствени услуги во најголемата болница во Појасот Газа, поради тековната криза со недостиг на електрична енергија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Медицинскиот комплекс „Ал-Шифа“, кој пружа медицинска помош за половина милион пациенти годишно, има гориво за работа на генераторите за само една недела“, изјави на прес-конференција Медхат Абас, генерален директор на болницата.
Тој додаде дека болницата, ги спасила животите на илјадници повредени Палестинци во протестите насловени како Марш на големото враќање во пограничниот дел на Појасот Газа.
Абас нагласи дека за неколку дена нема да има гориво за работа на генераторите кои се користат за добивање електрична енергија за операционите сали и за одделите во болницата.
Тој предупреди на опасноста од прекинот на напојување со електрична енергија за многуте други оддели, како што се одделите за дијализа, хируршките одделенија, амбулантските клиники и одделите за зрачење.
„Недостигот на електрична енергија претставува директна закана за животите на цивилите во Појасот Газа кој е под опсада“, истакна Абас.
Директорот на болницата, исто така додаде дека донаторите до кои се обратило Министерството за здравство за достава на гориво повеќе не биле достапни.
Дом на речиси 2 милиона луѓе, Појасот Газа има вкупно 13 болници кои се под надлежност на Министерството и 54 центри за примарна здравствена заштита, кои сочинуваат приближно 95 проценти од сите здравствени услуги во крајбрежната енклава.
Газа, која е под израелска блокада, се бори да се справи со недостигот на електрична енергија уште од 2006 година.