Ekip,Ayhan Şimşek
30 Август 2024•Ажурирај: 31 Август 2024
БЕРЛИН (АА) - Германија денес остро го критикуваше Израел поради неговите големи воени напади на окупираниот Западен Брег, што ги зголеми стравувањата од понатамошна ескалација во регионот, јавува Анадолу.
„Многу сме загрижени за ситуацијата, бидејќи постои реална закана од ескалација на Западниот Брег“, рече заменик-портпаролот на Министерството за надворешни работи, Кристијан Вагнер, на брифингот со новинарите во Берлин.
Тој ја повтори поддршката на Германија за Израел во неговиот конфликт со Хамас во Газа, но ги критикуваше неговите неодамнешни непропорционални воени акции на Западниот Брег.
„Израел има легитимен безбедносен интерес да преземе акција против тероризмот, но во исто време, мораме да кажеме дека против теророт не може да се бори со блокирање улици, куќи, електрични мрежи и пристап до болниците“, рече Вагнер.
Тој, исто така, ги критикуваше десничарските министри на Израел за нивните провокативни изјави, велејќи дека тие „долеваат масло на огнот“ и го отежнуваат постигнувањето хуманитарен прекин на огнот.
Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, во средата предложи мерки како во Газа, на северниот дел на Западниот Брег, вклучително и привремена евакуација на Палестинците, во услови на големата воена операција во областа.
Неговите коментари доведоа до стравувања дека израелската Влада би можела да бара дополнително проширување на нелегалните населби на окупираните палестински територии.
Заменик-портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Вагнер, рече дека Берлин јасно се противи на изградбата на нелегални населби на окупираните територии на Западниот Брег.
„Политиката за населување на израелската Влада е нелегална според меѓународното право и таа е пречка на патот кон одржлив мир на Блискиот Исток. И ние силно го осудуваме насилството на екстремистичките доселеници на Западниот Брег“, рече тој.
Израелската Армија во средата започна воени напади на окупираните територии, опишани како најголем напад на Западниот Брег од 2022 година.
Тензиите низ Западниот Брег се зголемени откако Израел започна воена офанзива против Појасот Газа во која се убиени над 40.600 Палестинци, главно жени и деца, од октомври минатата година.