Ayhan Şimşek
11 Јули 2018•Ажурирај: 12 Јули 2018
МИНХЕН (АА) - Германскиот суд ја осуди на доживотен затвор главната обвинета, Беате Чепе, во судскиот процес за неонацистичката група НСУ за убиства и бомбашки напади кои за цел имаа турски имигранти, јавува Anadolu Agency (AA).
Чепе е обвинета за учество во терористичка група и за соучество во 10 убиства и два бомбашки напади на неонацистичката група.
Национално-социјалистичкото подземје (НСУ) уби осум турски имигранти, грчки државјанин и германска полицајка во периодот помеѓу 2000 и 2007 година, меѓутоа убиствата останаа подолго време нерешени.
Групата, исто така, изврши бомбашки напади врз продавници во сопственост на имигранти во Келн.
За време на петгодишното судење, Чепе негираше каква било улога во убиствата и бомбашките напади, обидувајќи се вината да ја префрли на нејзините двајца починати колеги од екстремно десничарската терористичка ќелија.
Но, нејзината одбрана не успеа да презентира силни докази за да ги оспори обвинувањата.
НСУ е откриена во 2011 година, кога двајца членови - Уве Мундлос и Уве Бохнхардт - починаа по неуспешната кражба на банка, а полицијата во нивниот стан пронајде оружје и екстремно десничарска литература.
Во Германија скандалот што го предизвика НСУ доведе до големи критики кон полицијата и безбедносните агенции, кои беа критикувани од страна на опозициските партии дека ги толерираат десничарските екстремисти, стереотипирањето и дискриминацијата насочена кон имигрантите.
До 2011 година, германската полиција и разузнавачките служби исклучија каква било расна мотивација за убиствата. Наместо тоа, тие ги третираа имигрантските семејства како осомничени, испрашувајќи ги за наводна поврзаност со организираниот криминал и шверц на дрога.
Иако неодамнешните сознанија покажаа дека Германската разузнавачка агенција имала десетици доушници кои имале контакти со осомничените од НСУ, официјални лица велеа дека немале претходни информации за терористичката ќелија на НСУ и за нејзина евентуална вмешаност во убиствата.