Ekip
24 Март 2018•Ажурирај: 25 Март 2018
БЕРЛИН (АА) - Португалската авиокомпанија се извини поради тоа што 106 патници мораа да останат на аеродромот во Штутгарт во југозападниот дел на Германија, откако еден од нејзините летови е откажан во последен момент поради пијан копилот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во петокот пред авионот на компанијата „TAP Air Portugal“ да полета за Лисабон, вработен на аеродромот во Штутгарт забележал дека копилотот на авионот се тетерави додека оди и дека мириса на алкохол.
За ова е известено и аеродромското раководство, кое одлучи да го задржи авионот на аеродромот. Не беше откриено дали 40-годишниот копилот е уапсен и дали ќе сноси некакви последици.
Германските медиуми во саботата објавија дека за сите 106 патници бил обезбеден ноќен престој во хотелот.
Според истиот извор, патниците во Лисабон ќе можат да отпатуваат в понеделник, кога е на распоред првиот лет со доволно слободни места.