Cüneyt Karadağ
22 Февруари 2022•Ажурирај: 23 Февруари 2022
БЕРЛИН
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека откако Русија ги признала сепаратистичките таканаречени републики Доњецк и Луганск, наредил запирање на процесот за сертификација на гасоводот „Северен тек 2“, со кој рускиот гас ќе се испорачува во Германија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката конференција за медиуми пред состанокот со ирскиот премиер Мајкл Мартин, Шолц ја критикуваше одлуката на Русија и порача дека „ова е сериозно кршење на меѓународното право“, како и дека „Путин исто така ја прекршува Повелбата на Обединетите нации“.
Истакнувајќи дека ваквите дејствија не би требало да останат без последици, Шолц изјави дека ЕУ во текот на денот ќе одлучи за првата „серија санкции“.
„Тоа исто така се однесува на гасоводот Северен тек 2. На германскиот регулатор на енергетскиот пазар му наложив да го запре процесот на сертифицирање на руско-германскиот гасовод Северен тек 2 до понатамошна проценка“, порача Шолц.
Нагласувајќи дека за таа одлука разговарал со министерот за економија Роберт Хабек, Шолц додаде дека „сега е време повторно сè да се разгледа“.
Германскиот канцелар изјави дека Франција и Германија сакаат да ги продолжат состаноците во Нормандиски формат во врска со украинската криза и дека преговарачките понуди продолжуваат.
Шолц повтори дека Германија нема да испраќа оружје во Украина и истакна дека ќе ја продолжи постоечката економска поддршка кон таа земја.
Истакнувајќи дека ситуацијата во регионот е сериозна, Шолц порача дека Русија сè уште има доволно војници на границата да ја нападне цела Украина и дека никој не знае што ќе се случува понатаму.
Порача дека украинскиот претседател Владимир Зеленски заслужува големо почитување бидејќи не наседнал на руската провокација.
Ирскиот премиер Мајкл Мартин изјави дека последната одлука на Русија е јасно кршење на Повелбата на ОН. „Црвената линија е премината“, порача Мартин.
- „Северен тек 2“
Со проектот „Северен тек 2“, чија вкупна вредност се проценува на околу десет милијарди евра, се планира годишно да се транспортираат 55 милијарди кубни метри руски гас во Германија преку Балтичкото Море.
Изградбата на „Северен тек 2“, што е проектиран под раководство на руската компанија „Гаспром“, завршена е во септември 2021 година, а лиценцирањето започна на 8 септември.
Од друга страна, познато е дека проектот „Северен тек 2“, чија изградба неколкупати беше одложувана, добил приговори и од ЕУ и од САД. На Украина, која има важна позиција како транзитна земја во моменталната ситуација, со проектот „Северен тек 2“ тоа би ѝ било оневозможено.
„Северен тек 2“ значи дека приходите од транзитот на гас ќе бидат изгубени за источноевропските земји како што се Полска и Украина.
„Северен тек 2“ се смета за важен проект на рускиот претседател Владимир Путин, поради тоа за Русија е клучно да испраќа руски гас во ЕУ независно од украинската транспортна мрежа.