Davit Kachkachishvili
02 Јануари 2023•Ажурирај: 03 Јануари 2023
КИЕВ (АА) - Градоначалникот на украинскиот главен град Киев, Виталиј Кличко, изјави дека од руските напади во текот на ноќта и утринава, оштетена е енергетската инфраструктура, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кличко преку својот профил на „Телеграм“ објави дека е извршен напад со беспилотни летала врз Киев.
Наведе дека украинските сили за противвоздушна одбрана уништиле вкупно 40 беспилотни летала во Киев и околните регии.
„15 беспилотни летала се уништени во соседните регии, три во Киевската Регија и 22 над главниот град“, рече Кличко и додаде дека оштетена е градската енергетска инфраструктура.
Додаде дека поради нападот дошло до прекин во напојувањето со електрична енергија во градот, и дека има проблеми и во системите за греење.
Кличко потврди и дека денес во болница починал цивилот кој беше тешко повреден на 31 декември во ракетен напад врз Киев.