Davut Demircan
03 Јуни 2020•Ажурирај: 03 Јуни 2020
АНКАРА
енералниот секретатар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика властите на САД да бидат воздржани во одговорот на протестите поради убиството на Џорџ Флојд, невооружениот Афроамериканец кој при приведување беше задушен од полицаец белец во Минеаполис, во сојузната американска држава Минесота, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Срцето ми е скршено кога ќе видам насилство на улиците во земјата домаќин и нашиот град домаќин Њујорк“, порача Гутереш синоќа на Твитер.
Наведувајќи дека расизмот е одвратен и дека луѓето мора да го отфрлат, Гутереш изјави дека различноста е богатство во секое општество и никогаш не е закана.
„Поплаките мора да се сослушаат, но треба да се изразат мирно и властите мора да покажат воздржаност во реакциите кон демонстрациите“, додаде Гутереш.
Тој ги повика лидерите во сите сектори на општеството да инвестираат во социјалната кохезија, за секоја група да се чувствува ценето.
„Тоа значи решавање на нееднаквоста и дискриминацијата, зајакнување на поддршката за најзагрозените и создавање можности за секого“, изјави тој.
Афроамериканецот Џорџ Флојд (46) беше уапсен на 25 мај во Минеаполис, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеоснимките од бруталното приведување беа објавени на социјалните мрежи, на кои се гледа како полицајците му ставаат лисици и го спуштаат на земја, а едниот од нив го притиска коленото врз вратот на Флојд.
Тие тврдеа дека тој се спротивставил на приведувањето. И покрај тоа што Флојд во неколку наврати рекол дека не може да дише, полицаецот не го кренал коленото од неговиот врат. Набргу потоа Флојд изгубил свест, но полицаецот ја задржал истата положба врз жртвата. Флојд починал набргу откако бил пренесен во болница.
Неговите последни зборови „Не можам да дишам“ станаа слоган на протестите низ државата. Со независна аутопсија вчера беше соопштено дека Флојд починал од задушување поради континуиран притисок.