İlayda Çakırtekin
27 Август 2025•Ажурирај: 28 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, денес го повика американскиот претставник во Данска на разговор, по медиумските извештаи дека американски државјани со врски во Белата куќа водат кампањи за влијание во Гренланд, јави државниот радиодифузен сервис ДР, јавува Анадолу.
„Секој обид за мешање во внатрешните работи на Кралството, секако, ќе биде неприфатлив. Со оглед на ова, побарав од Министерството за надворешни работи да го покани американскиот вршител на должноста на состанок во Азијатск Пладс“, изјави Расмусен за ДР.
Ова се случи откако радиодифузерот откри дека најмалку тројца американски државјани со врски со претседателот Доналд Трамп и Белата куќа се обидуваат да предизвикаат тензии меѓу Данска и Гренланд - автономна данска територија за која Трамп инсистира дека е американско тло.
„Станува збор за луѓе кои патуваат помеѓу САД и Гренланд и се обидуваат да создадат нешто што може да се нарече сецесионистичко движење на Гренланд“, изјави Нилс Фаструп, истражувачки новинар на ДР.
Тој додаде дека тие лица создаваат мрежи, инфилтрираат организации и прават списоци на луѓе кои се или поддржувачи или противници на Трамп и неговата идеја за купување на Гренланд.
Данската служба за безбедност и разузнавање во Гренланд за ДР потврди дека територијата е цел на различни кампањи за влијание.
Иако Белата куќа наводно не одговорила на прашањата на радиодифузерот, Амбасадата на САД во Копенхаген испрати одговор од претставник на американската Влада.
„Претседателот, потпретседателот и државниот секретар беа јасни: САД го почитуваат правото на народот на Гренланд да ја одреди својата иднина“, се вели во одговорот, нагласувајќи дека американската Влада не ги контролира постапките на приватните граѓани кои може да имаат интереси во Гренланд.