Ikrame Imane Kouachi
22 Јуни 2024•Ажурирај: 25 Јуни 2024
РАМАЛА (АА) – Дванаесетгодишно палестинско момче денес им подлегна на повредите нанесени од истрели од израелската војска во близина на градот Рамала на окупираниот Западен Брег, пренесува Анадолу,
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека „детето Мухамед Мурад Ахмад Хошија (12) им подлегна на тешките повреди што ги здоби пред околу една недела во Рамала.“
Палестинската Црвена полумесечина на 14 јуни соопшти дека брзата помош пренела во болница „12-годишно дете повредено од боеви куршуми во стомакот за време на упадот на окупаторската војска во кампот Ал-Амари во Рамала“, опишувајќи ја неговата состојба како „критична“.
Очевидци за Анадолу изјавија дека израелските сили упаднале во градот Ал-Бирех, спровеле рација во кампот Ал-Амари и населбата Ум Ал-Шарајет јужно од градот, при што седум лица биле ранети од огнено оружје, соопшти Министерството за здравство.
Израелската војска редовно спроведува рации на окупираниот Западен Брег во последните неколку години, што ескалираше со почетокот на војната во Газа минатиот октомври. Палестинците се соочија и со насилни напади од илегалните еврејски доселеници.
Од 7 октомври минатата година, според Министерството за здравство, загинале најмалку 552 Палестинци, од кои 132 деца, а речиси 5.200 други се повредени од израелската војска на окупираната територија.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој во својата последна одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата воена операција во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од милион Палестинци побараа засолниште од војната пред почетокот на копнената офанзива на 6 мај.