Dilara Karataş
08 Март 2023•Ажурирај: 09 Март 2023
АНКАРА (АА) - Двајца од 4 американски граѓани киднапирани во Мексико, што се пронајдени живи, се вратиле во САД, пренесува Анадолу.
Според веста на „Би-би-си“ (BBC), базирана врз информациите објавени во американските локални медиуми, двајца од 4-те американски државјани, од кои едниот сериозно повреден, киднапирани за време на нивното патување во Мексико, се вратиле во своите домови.
Семејствата на киднапираните информираа дека овие луѓе отишле во Мексико за да извршат естетска операција.
Во врска со киднапирањето приведено е лицето Хозе Н. на 24-годишна возраст.
Во веста се вели дека покрај двете лица кои се пронајдени живи, во САД се пренесени и телата на двајцата Американци кои ги загубија животите.
Ирвинг Бариос, обвинител од мексиканската држава Тамаулипас, на социјалната мрежа Твитер објави дека во соработка со американскиот Конзулат во мексиканскиот град Матаморос, преживеаните лица вчера биле испратени во САД.
Федералното истражно биро на САД (ФБИ) објави дека на 3 март, 4 американски државјани, кусо по нивното пристигнување во градот Матаморос, во мексиканската држава Тамаулипас, биле нападнати и киднапирани од засега неидентификувани вооружени луѓе.
ФБИ понуди награда во висина од 50.000 долари за секој кој ќе помогне во пронаоѓањето на 4-те Американци и во приведувањето на лицата вмешани во киднапирањето.
Вчера беше објавена информацијата дека двајца од четирите американски државјани биле пронајдени мртви. Притоа, останатите двајца Американци се живи, од кои едниот е ранет.
Секој ден, голем број Американци од граничните региони на САД патуваат во Мексико за да се снабдат со лекови што се прилично скапи во САД, првенствено инсулинот.
Познато е дека поради високите болнички и трошоци за осигурување, американските државјани заминуваат во Мексико на лекување.