Ahmet Salih Alacaci
14 Декември 2025•Ажурирај: 15 Декември 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Американските власти објавија дека две лица се убиени, а осум се повредени во пукотница на Универзитетот Браун, а претседателот Доналд Трамп соопшти дека осомничениот е приведен, известува Анадолу.
Полицијата информираше дека повеќе лица биле застрелани во пукотницата, која се случила синоќа по локално време во кампусот на Универзитетот Браун во градот Провиденс, во сојузната држава Род Ајленд.
На прес-конференција во врска со инцидентот, градоначалникот на Провиденс, Брет Смајли, соопшти дека најмалку две лица загинале, а осум други се повредени во вооружен напад.
Градоначалникот Смајли соопшти дека пукањето се случило за време на завршните испити во кампусот, додавајќи дека истрагата е во тек и дека јавноста ќе биде информирана за најновите настани.
- Трамп објави дека осомничениот е приведен
Во меѓувреме, американскиот претседател Трамп на својот профил на социјалните мрежи објави дека се моли за оние кои ги загубија животите во нападот и додаде:
„ФБИ е на местото на настанот, а осомничениот е во притвор“.
Локалните власти, во разговор за американските медиуми, изјавија дека многу луѓе биле застрелани во нападот, но не споделија детални информации за бројот на загинати и повредени.
Во кампусот на Универзитетот Браун поради напаѓач со огнено оружје синоќа беше издадена тревога за „активен вооружен напаѓач“.
Во соопштението на универзитетот се вели дека осомничениот е приведен, а од студентите е побарано да се сокријат, да ги заклучат вратите и да го ѕвонењето на телефоните до понатамошно известување.
Во соопштението се додава дека пукањето се случило во близина на зградите на факултетот за физика и инженерство во кампусот и дека полицијата го обезбедила подрачјето.
Сепак, кратко по првичното соопштение, Универзитетот Браун објави ново соопштение во кое појаснува дека ниту еден осомничен не е во притвор и дека осомничениот сè уште се бара.