İdris Okuducu
21 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
МОСУЛ (АА) – Деветмина цивили загинаа, а 14 се ранети во напади со беспилотни дронови со експлозив од страна на милитантите на терористичката организација ДЕАШ врз источниот дел на градот Мосул, Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Од западниот дел на градот, кој го има под своја контрола, ДЕАШ изврши напади со беспилотни дронови со експлозив врз различни места во источниот дел на градот“, истакна за АА генерал-мајорот на ирачката војска, Абдулмехди Керим Амири.
Амири нагласи дека во подрачјето Кераџ, во северниот дел од источниот брег на градот, ДЕАШ извршил напад врз деца кои биле на пат кон училиште. Во нападот загинаа две деца, а три се ранети.
Тој посочи дека трговскиот кварт којшто се наоѓа во источниот дел на градот, здравствениот центар во воената населба, како и населбата Нур на ист начин биле цел на напади на ДЕАШ. Амири информираше дека во овој напад загинале 7 цивили, од кои едно е дете, а шестмина се ранети.
Активистот за човекови права, Омер ет-Таи соопшти дека петмина цивили се ранети, од кои три се деца, во извршените напади со беспилотни дронови со експлозив од страна на ДЕАШ, врз населбата Баладијат и врз едно место во близина на Универзитетот во Мосул.