Kemal Karadağ
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - На децата измамени, киднапирани и однесени во планините од страна на терористичката организација ЈПГ/ПКК им е ветено дека ќе се вратат кај семејствата откако ќе добијат извесно време „обука“, сведочат оние кои избегале од заробеништвото на терористичката организација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вкупно 15 деца, вклучително и двајца сириски државјани, кои се насилно регрутирани од терористичката организација, се дефинирани како „жртви на трговија со луѓе“ од страна на Дирекцијата за имиграција на Турција.
Интервјуата со децата на возраст од 9 до 17 години открија како биле измамени и гонети од терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Сириски државјанин кој побегнал од ЈПГ/ПКК, на која ѝ се приклучил на 14-годишна возраст, се присетува: „Тие [терористите] ни рекоа дека ќе нѐ однесат на место во регионот на Дерик, ќе нѐ обучат и ќе нѐ вратат назад. 'Повторно ќе се вратите дома', ни рекоа“.
„По завршувањето на обуката сфативме дека немаат намера да нѐ вратат назад. Сакаа да станеме герилски борци и да заборавиме на нашите семејства“, рече тој.
„Ни рекоа дека Турција е нашиот најголем непријател“, се присетува сирискиот државјанин, велејќи дека терористите користеле и психолошки притисок за да спречат некој да замине.
„Многу ми е драго што избегав. Кога се вратив во [Турција] имаше Закон за покајување. Бев суден според тој Закон.“
Регрутирањето и експлоатацијата на деца од страна на терористичката организација во земјата погодена од конфликт беа спомнати и во извештаите на Обединетите нации.
На 16 јануари 2020 година, Советот за човекови права на ОН ги сподели наодите дека терористите на ЈПГ/ПКК користат деца како борци во Сирија.
Во терористичката кампања против Турција, што трае повеќе од 35 години, терористичката организација ПКК, која е на листата на терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија, одговорна е за смртта на најмалку 40.000 луѓе, жени, деца и доенчиња. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.