Barış Seçkin
18 Јануари 2020•Ажурирај: 19 Јануари 2020
РИМ (АА) - БАРИШ СЕЧКИН -
Министерот за надворешни работи на Италија, Луиџи ди Мајо, истакна дека примирјето во Либија е неопходен услов за политичкиот дијалог.
Ди Мајо пред конференцијата во Берлин, што ќе се одржи утре со цел наоѓање решение за граѓанската војна во Либија, во разговор за Агенција Анадолија (АА) говореше за ставот на Италија кон либиското прашање и за односите меѓу Италија и Турција.
Тој го поздрави примирјето во Либија и рече: „Примирјето е неопходен услов за политичкиот дијалог. Сигурно дека се поздравува и турско-рускиот предлог кој овозможи привремено прекинување на непријателството. Примирјето е прв и важен чекор напревен кон точна насока. Сега е важно меѓународната заедница да работи заедно за да се стави крај на непријателствата и да се искористи ова позитивно случување.“
Што се однесува до непотпишувањето на договорот за примирје во Москва од страна на лидерот на нелегалните сили во источниот дел на Либија, Калифа Хафтар, Ди Мајо изрази надеж дека Хафтар ќе ја потврди посветеноста за зачувување на примирјето, додавајќи дека има можност за мир што не треба да се пропушти.
Италијанскиот министер информираше дека на Конференцијата во Берлин ќе учествува и италијанскиот премиер, Џузепе Конте, и дека од витална важност е да се работи заедно со сите страни со цел конкретно и брзо спроведување на резултатите од оваа конференција.
„Формирањето на меѓународна мисија за следење на примирјето може да се земе предвид доколу условите го дозволуваат тоа“, рече Ди Мајо.
Тој се осврна и на меѓусебните посети меѓу Турција и Италија, нагласувајќи дека од географски аспект, Анкара е клучен актер од примарно значење за стабилноста на регионот.
Што се однесува до трилатералниот механизам меѓу Русија-Турција-Италија во врска со Либија, Ди Мајо истакна:
„Веруваме дека Турција и Русија играат исклучително значајна улога во врска со либиската криза. Затоа веруваме дека многу е важно да се продлабочат и зајакнуваат заедничките консултации меѓу Анкара и Москва. Се работи за предлог што го упативме до двата главни града. Првин, предвидуваме состаноци на ниво на високи функционери, може и на ниво на заменици-министри.“
Според него, не постои поделба меѓу земјите членки на ЕУ што се однесува до либиското прашање.
Шефот на италијанската дипломатија говореше и за тоа што Италија не ја потпиша конечната декларација на состанокот во врска со Либија и Источен Медитеран, што се одржа на 8 јануари во Каиро, на кој учествуваа Франција, грчката адмнистрацијата на Јужен Кипар, Грција и Египет.
„Важно беше што Италија се наоѓаше таму. Италија не ја потпиша конечната декларација бидејќи таа беше исклучително нестабилна кон Турција и Сераџ“, додаде тој.
Ди Мајо истакна дека треба да се исцрта добра рамка на проблемот во врска со прашањето со енергетските извори на Источниот Медитеран со цел да се разбере позицијата на Италија, и дека внимателно ги следат настаните во Источниот Медитеран.
Според италијанскиот министер, постоечката енергетика на Медитеранот треба да биде фактор за раст на сите земји во регионот. „Затоа, ние како Италија, Египет, Грција, Кипар (грчка администрација), Јордан и Палестина сме од основачите на Форумот за гас на Источен Медитеран“, рече Ди Мајо.
Запрашан зошто Италија иако била поканета не учествувала на церемонијата за потпишување на „EastMed“ (Проект за Гасоводот на Источен Медитеран), потпишан од страна на Грција, грчката администрација на Јужен Кипар и Израел на 2 јануари 2020 година, Ди Мајо истакна: „Јасно е дека „ИстМед“, предложен од страна на Грција, може да биде една опција од среден и долг рок во споредба со другите предлози, доколку се земат предвид цената и процесот на неговата изградба.“
Што се однесува до изјавата на германската канцеларка, Ангела Меркел, која рече дека Турција треба да остане како членка на НАТО и дека треба да се вложи напор во таа насока, Ди Мајо нагласи дека се согласува со изјавата на Меркел.
Тој рече дека веруваат оти Турција е важна членка на НАТО и важна страна која има клучна важност за Италија и ЕУ.
На крајот на изјавата, шефот на италијанската дипломатија упати честитки до Агенција Анадолија по повод 100-годишнината од нејзиното постоење, посакувајќи ѝ успех.