Semra Orkan
23 Мај 2016•Ажурирај: 24 Мај 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Директорот на Меѓународната организација на трудот (МОТ), Гај Рајдер, изјави дека меѓународната заедница не одговорила на адекватен начин на кризата на сириските бегалци, и порача дека Европа мора да се угледа на Турција кога станува збор за односот кон тие протерани луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).
„Голема трагедија и неуспех е тоа што Европа сè уште не го усвоила заедничкиот став за прашањето на бегалската криза. Европа мора да ја научи лекцијата од добри и позитивни примери, а таков пример е Турција која води политика на отворени врати кон бегалците” , изјави Рајдер за АА.
За време не посетата на бегалските кампови во Шанлифура, директорот на МОТ, Рајдер, одржа низа состаноци со претставниците на локалната заедница, синдикатите и работодавците во турскиот регион, а главна тема на разговорите беше прашањето за вработување на сириските бегалци.
Истакнувајќи дека најголем проблем пред бегалците е проблемот на вработување, Рајдер изјави дека давањето работа на тие луѓе е најдобар показател дека тие се прифатени во општеството.
„Желбите на сите бегалци во светот се исти. Сите тие сигурно сакаат да се вратат дома и на децата да им обезбедат образование и вработување. Во општествата во кои се примени, бегалците сакаат да бидат корисни членови и нивниот живот да добие некаква смисла и цел ”, изјави Рајдер.
Нагласувајќи дека МОТ придава голема важност на прашањето за вработување на бегалците, директорот на организацијата, Рајдер, изјави дека Турција од почетокот соработува во однос бегалската криза.
„Прво мора да ги утврдиме рамките на добрата политика, а за бегалците ни се потребни точни информации. Мораме да знаеме колку е нивниот број, кои се нивните професии, со што се занимавале пред бегството и слично. Спроведуваме и програма за едукација и обука на тие луѓе, а тоа имав можност да го видам во Шанлифура на терен. Мораме да работиме и на воспоставување на подобри канали за комуникација. Еве, турската влада во јануари ја усвои одлуката која овозможува вработување на сириските бегалци во таа земја, а поголем број од бегалците не знаат за таа можност”, изјави Рајдер.
Тој позитивно ја оцени одлуката на турската влада да се овозможи вработување на бегалците и додаде дека товарот на бегалците не смее да се остави само на рамениците на таа земја.
Рајдер понатаму се осврна на Светскиот хуманитарен самит што се одржува денес во Истанбул, организиран поради споменатите проблеми.
„Кризата не смее да ја решаваат една, две или три земји, бидејќи тоа е криза која мора да ја решава целиот свет. Светскиот хуманитарен самит кој Турција го организираше во Истанбул е добра можност да се укаже на тој факт, а организиран е во вистинско време, изјави директорот на Меѓународната организација на трудот” , Гај Рајдер.
Осврнувајќи се на ситуацијата во зафатената со војна Сирија, Рајдер изјави дека таа војна мора итно да се спречи, а меѓународната заедница ја критикуваше дека многу задоцнила со конкретните потези за спречување на крвопролевањето.
„Се надевам дека Самитот во Истанбул ќе даде добри резултати и ќе донесе голем пресврт во меѓународната заедница кога станува збор за решавање на бегалската криза. Моментално сме далеку од идеалниот план и потребно е да се сменат парадигимите и перцепиите на проблемот. Се надевам дека Самитот ќе донесе напредок во таа насока”, заклучи Рајдер.