Şeyma Uzundere
02 Јули 2021•Ажурирај: 05 Јули 2021
АНКАРА
По активирањето на вулканот Тал, лоциран јужно од Манила, престолнината на Филипините, започна евакуацијата на жителите од регионот.
Властите известија дека илјадници луѓе кои живеат во регионите на Лорел и Агонцило, на брегот од езерото Тал, во близина на вулканот, биле евакуирани во операцијата што започна вчера.
Филипинскиот институт за вулканска наука и сеизмологија го предупреди локалното население да не се приближува до островот на кој се наоѓа вулканот.
Во соопштението се наведува дека поради опасноста од соочување со ерупција на вулканот, ќе биде потребна евакуација на околу 14.000 лица од околните села.
Од друга страна, властите изјавија дека се преземени сите потребни мерки за заштита на населението од пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) во центрите за евакуација формирани во училишните згради, спортски сали и цркви.
Поради активноста на вулканот Тал, кој исфрла големи облаци од пареа и прашина, вчера алармантноста од можна ерупција беше искачена на трето ниво.
- Евакуирани над 82.000 луѓе од безбедносни причини
Кога вулканот Тал еруптира во 1965 година, животот го загубија повеќе од 200 луѓе кои живееле во оваа област.
По ерупцијата на вулканот на 12 јануари, пепелта и чадот се протегаа до главниот град Манила, оддалечен 56 километри.
По ерупцијата, Филипинскиот институт за вулкани и земјотресни науки го зголеми нивото на вонредна состојба во регионот на четврто ниво, што укажува на „опасност од ерупција на лава“. Евакуирани се повеќе од 82.000 луѓе од населените места на островот, како и во населбите околу езерото, од безбедносни причини.
Тал, најмалиот вулкан на светот, е еден од 24-те активни вулкани на Филипините.
Филипините се наоѓаат во таканаречениот „Огнен појас“ во Пацификот, во кој земјотресите и вулканските ерупции се честа појава.