Rabia İclal Turan
11 Септември 2022•Ажурирај: 12 Септември 2022
КИЕВ (АА) - Надлежните украински власти утрово соопштија дека операциите во најголемата европска нуклеарна електрана во Запорожје во потполност се запрени, известува Агенција Анадолија (АА).
„Последниот од шесте реактори на електраната Запорожје исклучен е од електричната мрежа рано утринава. Во тек е подготовка за негово ладење“, се наведува во соопштението на Енергоатом, украинскиот оператор за атомска енергија.
Нуклеарната електрана, сместена во југоисточниот дел од Украина, од март оваа година се наоѓа под контрола на руските сили, а со операциите и понатаму управуваат украинските оператори. Минатиот понеделник електраната е исклучена од електричната мрежа во Украина, поради сè поголемата загриженост од можна нуклеарна катастрофа поради судирите што се водат во тој регион. Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за нападите во Запорожје.
Енергоатом соопшти дека далноводот денес е обновен, со цел официјално да се овозможи запирање на енергетската единица број 6 и да се префрли во најбезбедна состојба - ладно исклучување.
Запорожје, една од десетте најголеми нуклеарни електрани во светот, произведуваше 20% од електричната енергија во Украина.
Екипа од експерти на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), на чело со Рафаел Гроси, ја посетија и ја прегледаа нуклеарната електрана минатата недела.
Информирајќи го Советот за безбедност на ОН за електраната Запорожје, Гроси рекол дека „едноставно е неприфатлива“ штетата на објектот предизвикана од нападите, предупредувајќи дека тоа е играње со оган и дека би можело да доведе до „нешто многу катастрофално“.
Во соопштението на Енергоатом се повикуваат руските сили да се повлечат од тоа подрачје и да создадат демилитаризирана зона околу нуклеарната електрана.