Ekip
21 Мај 2025•Ажурирај: 22 Мај 2025
БУДИМПЕШТА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека цивилите во Газа, каде што се случува најлошата хуманитарна катастрофа на модерното време, доживуваат вистински пекол, јавува Анадолу.
Ердоган имаше свое обраќање на неформалниот Самит на Организацијата на туркиски земји (ОТС) што се одржува во унгарскиот главен град Будимпешта.
„Трагедиите што се случија на Кипар, во Карабах, Босна во минатото и во Газа денес нè потсетуваат дека мора да размислуваме и надвор од нашите граници“, истакна Ердоган.
Тој истакна дека е потребно спротивставување на неограничениот експанзионизам на Израел и поддршка на територијалниот интегритет на Палестина, но и на Либан и Сирија.
„Како туркиски свет, важен е нашиот придонес во воспоставувањето прекин на огнот, непречената дистрибуција на хуманитарна помош, обновата на Газа и напорите за траен мировен процес“, рече Ердоган и додаде:
„Вистински пекол доживува цивилното население во Газа, каде што се случува најлошата хуманитарна катастрофа на модерното време.“
Во својот говор на Самитот на OTС Ердоган истакна:
„Како туркиски држави на раскрсницата на историјата и цивилизацијата, носители сме на вкоренето наследство што ја комбинира мудроста на Истокот со динамиката на Западот.“
Осврнувајќи се на изолираноста на Турската Република Северен Кипар, турскиот претседател рече:
„Сметаме дека семејната фотографија на туркискиот свет секогаш ќе биде нецелосна без Турската Република Северен Кипар (ТРСК).“
Ердоган зборуваше и за војната меѓу Русија и Украина и обидите да се изнајде дипломатски пат за прекин на огнот и ставање крај на војната.
„Ќе ги продолжиме нашите интензивни контакти со двете земји за постигнување сеопфатен прекин на огнот и праведен мир.“
Ердоган зборуваше и за турскиот јазик и култура и додаде:
„Веруваме дека би било многу значајно 15 декември да се прогласи за светски ден на турскиот јазик на 43. Генерална конференција на УНЕСКО.“