АНКАРА
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара изјави дека светот треба да сфати дека не исламот, туку исламофобијата претставува глобална закана и дека токму исламофобијата ги предизвикала масакрите во Босна, во Аракан, како и трагедиите што уште траат во Палестина и Туркистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган зборуваше на Меѓународниот симпозиум „Медиуми и исламофобија“, што денес и утре се одржува во Анкара.
Зборувајќи за исламофобијата, Ердоган изјави дека тоа е болест што во многу делови на светот, посебно на Западот, брзо се шири како рак.
Тој потсети дека низ историјата секогаш постоеле ривалства, напнатост, па дури и крвави судири меѓу луѓето од различни религии.
„Крстоносните војни, кои се водеа со сон за освојување на Анадолија и Кудс (Ерусалим) и траеја долго, уништувањето што го предизвикаа, го сменија текот на светската историја. Од друга страна, за време на османлиското освојување, што се прошири до Виена, невозможно е да се најде „ниту еден случај што би можел да ги доведе нашите предци, нас или внуците во тешка позиција“, рече Ердоган.
Тој додаде дека, за разлика од нив, Западот секогаш ја чувал и зачувал својата ароганција и омраза кон источните општества, особено кон Турците, под терминот „ориентализам“.
„Ако ова е потврдено со еден од последните примери, а тоа е подигнување на знамето на терористички Израел на зградата на австриската Влада, тогаш е многу лесно да се разбере до кој степен дошло тоа“, изјави Ердоган.
Тој понатаму наведе дека широките движења на политичките и културните промени, преземени на подрачјата што некогаш беа во состав на Османлиското Царство, не се ништо друго туку напори на Западот да ги реконструира разликите во овие региони, ставајќи ги во сопствен формат.
„Ако се осврнеме околу себе, ваквиот пристап, каде можеме да видиме делумни успеси, не успеа да има широка основа поради верскиот и етничкиот расизам што го содржи. Овој неуспех се мери во обликот на бескрајни надворешни интервенции, внатрешни судири и длабоки и крвави настани во исламскиот свет. Во новата историја има безброј примери на страдања што ги предизвика исламофобијата, масакрите во Босна, масакрите во Аракан и трагедиите што траат уште од Туркистан до Палестина“, порача Ердоган.
Тој додаде дека стратегијата на „демонизирање на муслиманите“, што ја започнала американската администрација по нападите на 11 септември, го подигнала вирусот на исламофобијата што веќе бил присутен во културната структура на многу општества.
„Оние што геноцидот врз Евреите во Втората светска војна го ставија во посебна заграда, сега како цел ги поставија муслиманите. Новиот расизам кон муслиманите, што западњаците се обидуваат да го омекнат со изразот исламофобија, како што знаеме претставува непријателство кон исламот“, нагласи Ердоган.
Турскиот претседател нагласи дека оние што го вртат грбот на фактот дека благосостојбата не може да опстане на место каде што исчезнала слободата, негуваат непријателство кон сопствената иднина, а не кон исламот.
Ердоган додаде дека јавните авторитети (на Западот), одговорни за безбедноста на сите граѓани, практично влегле во трката за непријателство кон исламот.
„Сите заедници и држави изложени на заканата од исламофобијата треба да формираат силна меѓународна комуникациска мрежа. Мора на секој од 7,5 милијарди луѓе од светот да му објасниме дека не исламот, туку исламофобијата претставува глобална закана. Кога исламскиот свет ќе биде единствен, неговата борба против непријателството кон исламот многу брзо ќе даде резултати“, порача Ердоган.
Организатори на Симпозиумот се Врховниот совет за радио и телевизија на Турција (RTUK), Управата за верски работи (Дијанет), Радио-телевизија на Турција (ТРТ), Универзитетот „Ерџијес“ и Фондацијата за политички, економски и општествени истражувања (СЕТА).