Handan Kazancı
20 Декември 2019•Ажурирај: 21 Декември 2019
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја критикуваше заканата за санкции на Соединетите Американски Држави (САД) врз турските компании вклучени во проектот за гасовод и рече дека тоа претставува прекршување на нивните права, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сега тие велат дека ќе наметнат санкции врз „Турски тек““, изјави Ердоган за новинарите во Малезија, каде што престојуваше на овонеделниот Самит на муслиманските светски лидери во Куала Лумпур.
„Ова е целосно прекршување на нашите права“, рече Ердоган, ветувајќи дека Турција ќе врати со санкции врз САД.
Буџетот за одбрана, усвоен од Конгресот овој вторник, вклучуваше санкции за компаниите вклучени во „Северен тек 2“, како и во проектот „Турски тек“, тврдејќи дека проектите ќе ја направат Европа зависна од Русија за енергија.
Проектот „Северен тек“ е оперативен од 2011 година, со годишен капацитет од 55 милијарди кубни метри и носи руски гас директно во Германија преку Балтичкото Море.
„Северен тек 2“, предводен од руската државна енергетска компанија „Гаспром“, е речиси завршен и има ист годишен капацитет, кој работи речиси паралелно со првата линија на гасоводот.
Заедно тие ќе ги исполнат годишните побарувања за гас на четвртина од европскиот континент.
Гасоводот „Турски тек“ има вкупен капацитет од 31,5 милијарди кубни метри, од кои првата линија ќе пренесува 15,75 милијарди кубни метри руски гас за турските потрошувачи. Втората линија ќе пренесува уште 15,75 милијарди кубни метри гас до Европа преку Турција.