Yusuf Hatip
06 Март 2018•Ажурирај: 07 Март 2018
БРИСЕЛ (АА) - Раководството на Европската Унија (ЕУ), соопшти дека нападите на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, врз цивилите во Источна Гута, може да се третираат како воено злосторство, за кое извршителите треба да одговараат, а воедно беше изразена целосна поддршка на Обединетите нации кон покренување на истрага за тој случај, јавува Anadolu Agency (AA).
Високата комесарка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и членот на Европската комисија, одговорен за хуманитарна помош и кризни ситуации, Христос Стилианидес, објавија заедничко пишано соопштение, во кое се наведува дека на теренот во Сирија не се видливи конкретни резултати од Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, која предвидува воспоставување едномесечно примирје во таа земја.
Истакнувајќи дека конвоите со хуманитарна помош беа цел на нападите од силите лојални на режимот на Асад, Могерини и Стилианидес испратија поддршка до Обединетите нации да се поведе истрага за ситуацијата во Источна Гута.
Претходно, раководството на Европската Унија, го повика сирискиот режим да запре со нападите врз цивилите во Источна Гута и да започне да го штити сирискиот народ.
Источна Гута е предградие на Дамаск, кое под контрола го држат силите на сириската опозиција, а веќе шеста година е под опсада на силите лојални на режимот на Асад. Околу 400 000 цивили секојдневно се соочуваат со напади, борејќи се да преживеат.