Ömer Tuğrul Çam
20 Април 2023•Ажурирај: 20 Април 2023
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) соопшти дека најостро ги осудува конфликтите во Судан и подготвена е итно да го поддржи постигнувањето траен прекин на огнот, јавува Анадолу.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни односи и безбедносна политика, Жозеп Борел, објави дека ги осудува судирите меѓу армијата и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) во Судан.
Тој предупреди дека судирите во Судан може да предизвикаат регионална нестабилност.
Борел ги повика спротивставените страни да се придржуваат до меѓународното хуманитарно право и апелираше на итен безусловен прекин на огнот, истакнувајќи дека треба да се дозволи пристап до хуманитарната помош.
Тој рече и дека ќе го поддржи прекинот на огнот по повод претстојниот празник Рамазан Бајрам.
Околу 300 луѓе загинаа, а повеќе од 3.000 се повредени во вооружените судири меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), објави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус.
Тој го повтори својот повик до сите страни да го послушаат апелот за хуманитарен прекин на огнот, што, како што рече, ќе им овозможи на оние кои се блокирани поради борбите да бараат засолниште.
Во близина на претседателската палата во Картум вчера продолжија жестоките судири меѓу суданската војска и РСФ.
Додека РСФ ја обвинува армијата дека ги напаѓа нејзините сили јужно од Картум со лесно и тешко оружје, армијата тврди дека паравоените сили „шират лаги“ и ги прогласи за „бунтовничка“ група.