Servet Günerigök
09 Март 2022•Ажурирај: 10 Март 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американската војска во вторникот соопшти дека „репозиционира“ две батерии за противракетна одбрана „Патриот“ во Полска „за да се спротивстави на какви било потенцијални закани“ на сојузниците и територијата на НАТО поради руската војна во Украина.
„По наредба на секретарот за одбрана и на покана на нашите полски сојузници, генералот Волтерс, командант на Европската команда на САД, ѝ наложи на Американската армија во Европа и Африка да репозиционира две батерии „Патриот“ во Полска“, изјави во соопштението портпаролот на Европската команда на Соединетите Американски Држави (EUCOM), капетан Адам Милер.
„Ова одбранбено распоредување се спроведува проактивно за да се спротивстави на каква било потенцијална закана за американските и сојузничките сили и територијата на НАТО“, се вели во соопштението и се додава дека ракетите „во ниту еден случај нема да поддржат какви било офанзивни операции“.
„Секој чекор кој го преземаме има за цел да ја одврати агресијата и да им даде верба на нашите сојузници“, се додава.
Овој потег уследи неколку часа откако Пентагон го одби предлогот на Полска да ги префрли сите свои борбени авиони „Миг-29“ во американската воздушна база во Германија за поддршка на Украина.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда и доведе до финансиски санкции кон Москва.
Најмалку 474 цивили загинаа, а 861 се повредени во Украина од почетокот на војната, според ОН, кои забележаа дека условите на теренот ја отежнуваат проверката на вистинската бројка.
„Околу 2 милиони луѓе исто така избегаа во соседните земји“, соопшти Агенцијата на ОН за бегалци.