Bayram Altuğ,Mohamad Misto
28 Март 2017•Ажурирај: 28 Март 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Ремзи Изетин Ремзи, помошник на специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура во Женева, во рамките на петтиот круг преговори за Сирија, се состана со делегациите на режимот и на опозицијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Насир ел Харири, шеф на преговарачкиот тим пред делегацијата на Сириската опозиција, изјави дека со ОН за првпат е постигнат значаен напредок во врска со прашањето за преодна власт во Сирија.
„Продолживме со дискусијата за политичка транзиција и за уставните процедури што ќе го одредат целиот процес“, изјави Ел Харири.
Тој истакна дека режимот на Асад продолжува со нападите во Сирија, и покрај примирјето.
„За жал, терористичкиот режим на Башар ал Асад продолжува со дивјачкото бомбардирање во земјата. Во текот на првите три дена од преговорите во Женева, режимот на Асад уби 76 цивили, од кои 14 деца и 28 жени“, изјави Ел Харири.
Примирјето во Сирија е договорено на 30 декември, со посредство на Турција и Русија. Режимските сили продолжија со нападите и со злосторствата врз цивилите, а силите на сириската опозиција во изминатите неколку дена почнаа да одговараат на нападите од позициите на режимските позиции.
Делегацијата на сириската опозиција не учествуваше на минатонеделните преговори во Астана, а како причина го наведоа фактот што силите на режимот не го почитуваат договореното примирје.
На дневен ред во петтиот круг од преговорите во Женева ќе бидат четирите точки што претходно беа договорени. На претходната мапа на патот, која е дел од резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, предвидени се преговори за формирање на транзициска власт, подготовка на уставот и организирање на парламентарните избори во Сирија, а минатиот месец е додадена и четврта точка, која се однесува на преговорите за ефикасна борба против тероризмот.
И во продолжението на преговорите се очекува сирискиот режим и неговиот сојузник Русија и понатаму да инсистираат на јакнење на позицијата на вооружените групи блиски со Москва и со Каиро, кои Русија сака да ги претстави како дел од сириската опозиција.