Abdullah Tevge
23 Март 2022•Ажурирај: 23 Март 2022
ЛАВОВ (АА)
- Абдулах ТЕВГЕ
Во украинскиот град Лавов, жителите, откако ќе ги слушнат сирените за предупредување на јавноста од нападите на Русија, одат во засолништето на Црквата „Св. Петар и Павле“, чија изградба била завршена во 1630 година, пишува Агенција Анадолија (АА).
Десетици жители се засолнуваат во историскиот објект, кој се наоѓа во центарот на градот и кој до пред војната се користеше како музеј. Тие не излегуваат оттаму сѐ додека не се објави дека опасноста е надмината.
Директорот на музејот, Олег Друздиев, истакнувајќи дека подземните простории се користени како гробишта на црквата, рече дека се надева дека ќе ги види деновите кога зградата која сега служи како засолниште за жителите на Лавов, повторно ќе се претвори во музеј.
Наведувајќи дека луѓето ова место го сметаат за безбедно од опасноста од воздушни напади, Друздиев рече: „Се разбира, ова не е единственото засолниште во Лавов. Сепак, ова има многу силни ѕидови и многу луѓе го знаат тоа. Затоа жителите кои живеат во близина, го претпочитаат ова место како засолниште за да се заштитат.“
Олга Улизко, една од жителите кои трчаат до засолништето, рече дека дошла поради стравот од воздушните напади. „Ова е веројатно најбезбедното засолниште во нашиот град. Станува збор за стара црковна зграда изградена од Австро-унгарската Империја. Многу луѓе доаѓаат овде штом ги слушнат сирените.“
Том Расинг, изјавувајќи дека дошол во Лавов како лекар волонтер од САД и дека за првпат слушнал сирени, рече: „Требаше да се сретнам со групата со која ќе работам овде. Но одеднаш се огласија сирените. Луѓето надвор ми кажаа да ги следам и да дојдам овде.“