Oğuzhan Çal
05 Февруари 2016•Ажурирај: 06 Февруари 2016
ЛОНДОН (AA) - На донаторската конференција за Сирија на која се собраа повеќе од 70 светски лидери, одлучено е во врска со сириската криза да се обезбеди 5,6 милијарди долари за 2016 година и 5.1 милијарда долари за периодот 2017-2020 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Имено, учесниците на донаторската конференција во Лондон порачаа дека ќе бидат обезбедени пари за решавање на сириската криза во наредните години.
Во Декларацијата на учесниците на донаторската конференција се наведува дека веќе шеста година трае војната во Сирија која до сега, како е кажано, однесе преку 250 илјади човечки животи.
"Турција, Либан, Јордан, Ирак и Египет ги прифатија бегалците од тие земји и покажаа голема дарежливост. Сепак, меѓународната заедница мора да ги зголеми напорите за решавање на сириската криза. До сега е обезбедено само 56 отсто од фондот за потребите за помош под координација на Обединетите Нации. За да ја осигураме иднината за Сиријците и нивните деца потребно е да ги поддржиме напорите на соседните земји. Денес е донесена одлука да се формира нов фонд за поголема помош на оние кои се погодени од кризата. Во рамките на тој фонд, одлучено е, во врска со сириската криза да се осигура 5,6 милијарди долаи за 2016 година и 5,1 милијарда долари за периодот 2017-2020 година. Освен тоа, развојните банки и донаторите ветија кредит од 40 милијарди долари" , се наведува во текстот на Декларацијата.
Во текот на конференцијата во Лондон остро е осудено насилството над цивилите во Сирија и изразена е итна потреба за нивна заштита. Учесниците повикаа на решавање на опсадата во Сирија како и нападите на болниците и училиштата.
"Изразено е задоволство со мировните преговори кои неодамна почнаа во Женева. Ги повикуваме сите страни да ги зголемат напорите за да се постигне примирје на преговорите кои ќе започнат на 25 февруари. Сириската криза може да се реши само со политичка транзиција. Процесот на политичката транзиција во Сирија мора да биде сеопфатен и треба да ги исполни барањата на сите Сиријци", се наведува во Декларацијата.
Заеднички домаќин на донаторската конференција се Велика Британија, Германија, Норвешка, Кувајт и Обединетите Нации.