Mahmoud Barakat
15 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
НАБЛУС (AA) - Израелската Армија денес употреби гумени куршуми и солзавец за да ги растера палестинските ученици и локалните претставници кои се спротивставија на одлуката на израелските власти за затворање на училиште во градот Наблус, на Западниот Брег, јавува Anadolu Agency (AA).
За денес, израелските власти наредија затворање на училиштето „Ал Лабан Ал Савија“ во Наблус под изговор дека учениците фрлале камења врз израелските војници и еврејските доселеници.
Покрај одлуката, учениците и претставниците на локалната заедница се обидоа да го отворат училиштето, што ги наведе израелските сили да користат гумени куршуми и солзавец за да ги растераат.
Како што јави дописникот на АА, претседателот на Општинскиот совет, Самер Евеис, е повреден од гумен куршум, а фоторепортерот на АФП (AFP), Џафар Аштије, е хоспитализиран откако бил погоден во главата од канистер со солзавец.
Десетици палестински ученици, исто така, доживеаја привремено гушење од солзавецот фрлен од израелските сили.
Според жителите Палестинци, училиштето било нападнато од еврејските доселеници пред неколку месеци, а е под чести напади и од израелската Армија.