Burak Bir
17 Мај 2024•Ажурирај: 17 Мај 2024
ЛОНДОН (АА) - Израелската делегација ја започна својата одбрана на дводневното сослушување во Меѓународниот суд на правдата (МСП) по итното барање на Јужноафриканската Република за дополнителни мерки, јавува Анадолу.
Вториот ден од новото сослушување во Хаг започна со воведниот збор на израелскиот претставник Гилад Ноам.
Тој рече дека известувањето за сослушувањето било големо изненадување, додавајќи дека иако Израел побарал сослушувањето да се одложи за следната недела, тоа било одбиено.
Тврдејќи дека Израел внимателно работел на тоа да обезбеди заштита на цивилите, Ноам рече дека е право и обврска на Израел да ги брани своите граѓани.
Јужноафриканската Република вчера побара наредба за прекин на израелската офанзива врз Газа од МСП како дел од дополнителните привремени мерки против Израел.
Јужноафриканската делегација укажа на намерното прекршување на обврзувачките судски наредби од страна на Израел. Делегацијата рече дека биле принудени да се вратат на суд поради „континуираното уништување на палестинскиот народ“.
Јужноафриканската Република минатиот петок поднесе итно барање до МСП за дополнителни мерки поради израелските напади врз Газа, особено во градот Рафа, каде што се засолниле повеќе од 1,4 милиони Палестинци.
„Во своето ново барање Јужноафриканската Република наведува дека привремените мерки претходно наведени од Судот не се способни 'целосно да ги решат' променетите околности и новите факти врз кои се заснова (нивното) барање“, соопшти МСП.
Јужноафриканската Република го однесе Израел пред МСП кон крајот на 2023 година, обвинувајќи го за геноцид во Газа.
Во привремената пресуда во јануари се вели оти е „веродостојно“ дека Тел Авив врши геноцид во крајбрежната енклава и му нареди на Тел Авив да ги запре таквите акти и да преземе мерки за да се гарантира хуманитарна помош за цивилите.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.