Esra Taşkın
15 Мај 2023•Ажурирај: 16 Мај 2023
ПАРИЗ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера престојуваше во неочекувана посета на Париз, каде што се состана со францускиот претседател Емануел Макрон, пренесува Анадолу.
Во заедничката изјава по тричасовниот состанок во Елисејската палата, двајцата лидери ја осудија војната на Русија во Украина.
Двајцата лидери истакнаа дека Русија треба веднаш и безусловно да ги повлече своите сили од Украина, особено од нуклеарната електрана Запорожје, „чие неодговорно заземање и милитаризација од Руските вооружени сили претставува сериозна закана“.
Во соопштението исто така се подвлекува посветеноста на Франција за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Франција ќе ја продолжи својата политичка, финансиска, хуманитарна и воена поддршка за Украина колку тоа ќе е потребно - самостојно или преку меѓународната соработка во рамките на Европската Унија (ЕУ), НАТО, Обединетите нации (ОН) и други формати“, се наведува во соопштението.
Покрај тоа, Франција се обврзала да обучи голем број баталјони во следните недели и да ја опреми украинската војска со десетици оклопни возила и лесни тенкови.
Париз ќе ги насочи своите напори и кон „поддршката на украинската противвоздушна одбрана“, се наведува во соопштението.
Исто така, се предупредува на понатамошни санкции кон Русија, наведувајќи дека двајцата лидери „се согласиле околу потребата од зголемување на колективниот притисок врз Русија со други санкции, со цел да се ослаби способноста на Русија да ја продолжи својата незаконска агресивна војна“.
Зеленски во саботата го посети Рим каде што се состана со претседателот и премиерот на Италија, а во неделата беше во службена посета на Берлин, каде што се состана со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и со канцеларот Олаф Шолц.