Ruslan Rehimov
21 Март 2022•Ажурирај: 22 Март 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, повикувајќи ги Германија и земјите од Европската Унија (ЕУ) „да не ја поддржуваат Русија“ рече: „На окупаторите не им давајте ниту едно евро, затворете ги сите свои пристаништа за нив, не земајте стоки, одбијте ги руските енергетски ресурси“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање до нацијата, Зеленски истакна дека доколку Германија и ЕУ ја прекинат трговијата со Русија, Русија нема да може да најде пари за војна.
Нагласувајќи дека никој нема право да уништува народи и да ја растури Европа, Зеленски рече: „Ги предупредивме вашите политичари дека е опасно Москва да одлучува дали ќе имате природен гас и колку ќе чини тоа. Рековме дека санкциите се неопходни за да спречите да започне војната. Кога руските проектили погодија 20 километри од границите на НАТО, кога руските тенкови пукаа директно во нашата нуклеарна централа, сите конечно разбраа дека мора да ја слушаат Украина.“
Зеленски исто така додаде: „Немојте да бидете спонзор на руската воена машина. На окупаторите не им давајте ниту едно евро, затворете ги сите свои пристаништа за нив, не земајте стоки, одбијте ги руските енергетски ресурси. Верувам дека мирот е можен, но сите во Германија и Европа мора да преземат акција за да се постигне мирот.“
Потсетувајќи дека на некои руски авиони, хеликоптери и тенкови што ја напаѓаат Украина е испишан зборот „Берлин“, Зеленски рече: „Тие сакаат да одат понатаму, да сигнат кон вас.“
- Зеленски во својот говор пушти звук на сирени
Зеленски во својот говор од телефонот го пушти звукот на сирената и истакна дека Украинците живеат со овој звук веќе 25 дена.
Наведувајќи дека звукот е само 20 секунди, Зеленски рече: „Го слушаме со часови, денови, недели. Нашите луѓе постојано го слушаат овој звук“.