Dmitri Chirciu
23 Март 2022•Ажурирај: 23 Март 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, истакна дека преговорите со Русија продолжуваат на тежок начин и со полемики, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во видеото што го сподели на својот канал на Телеграм, Зеленски даде изјава за преговорите со Русија и евакуацијата на цивилите од конфликтните зони во неговата земја.
Осврнувајќи се на преговарачкиот процес меѓу Украина и Русија, Зеленски рече: „Ние продолжуваме да работиме на различни нивоа за да ја принудиме Русија да прогласи мир и да стави крај на оваа безмилосна војна.“
Тој наведе дека преговорите се водат секој ден, и додаде: „Преговорите се многу тешки и понекогаш со полемики, но напредуваме чекор по чекор.“
Посочувајќи дека оваа недела ќе се одржат самитите на НАТО, Г7 и Европската Унија (ЕУ), Зеленски рече дека може да се применат нови пакети санкции против Русија.
- „Во градот Мариупол има 100 илјади луѓе“ -
Посочувајќи дека Руската армија постојано го напаѓа градот Мариупол, Зеленски додаде дека во градот има околу 100.000 луѓе.
Тој рече дека се обидуваат да ги евакуираат цивилите преку коридорите за хуманитарна помош, но дека тоа е спречено од руските сили.
Зеленски нагласи дека конвојот со хуманитарна помош и вработените во Украинската служба за итни случаи се заробени, додаде: „Даваме сѐ од себе за да ги ослободиме нашите луѓе и да функционираат хуманитарните коридори.“
Наведувајќи дека во текот на денот се евакуирани околу 7.000 жители на Мариупол, Зеленски рече дека евакуацијата ќе продолжи утре.