Betül Yürük
24 Декември 2022•Ажурирај: 25 Декември 2022
ЊУЈОРК (АА) - Арктичката зимска бура се интензивира вчера низ Соединетите Американски Држави (САД), оставајќи повеќе од 1 милион луѓе без струја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Големи делови од САД и Канада се под одредена форма на предупредувања или совети за зимски временски услови.
Националната метеоролошка служба соопшти дека воздушната маса од Арктикот и опасните вредности на студен ветер ќе продолжат во поголемиот дел од источните две третини од земјата до викендот за Божиќ.
Студениот ветер донесе температури и до минус 45 Целзиусови степени во сојузните држави Монтана, Јужна Дакота и Вајоминг.
Десетици возила беза вклучени во сообраќајни несреќи како последица на временските услови низ целата земја во кои загинаа најмалку девет лица, јавија медиумите.
Над 8.000 летови беа откажани во текот на вчерашниот ден, а регистрирани се над 25.000 доцнења, според веб-страницата за следење летови „FlightAware“, што предизвика кошмар кај милиони патници за празникот.
Невремето предизвика големи поплави во делови на Њујорк и Њу Џерси.
Неколку сојузни држави како Њујорк, Западна Вирџинија, Кентаки, Џорџија, Северна Каролина и Оклахома прогласија вонредна состојба.
Американскиот претседател Џо Бајден ги повика Американците да ги следат предупредувањата на локалните власти бидејќи во неколку држави голем број патни правци се затворени.