Emre Gürkan Abay
02 Октомври 2019•Ажурирај: 03 Октомври 2019
МОСКВА (АА) - Претседателот на Управниот одбор на „Гаспром“, Виктор Зубков, истакна дека изградбата на гасоводот „Северен тек-2“, кој ќе пренесува руски гас за Германија, ќе заврши за околу еден месец, пренесува Anadolu Agency (AA).
Зубков во изјавата за медиумите во рамките на настанот на Руската недела на енергeтика, што се одржува во главниот град Москва, се осврна и на проектот „Северен тек-2“.
Истакнувајќи дека изградбата ќе продолжи и покрај тоа што Данска не дозволува проектот да помине низ нејзината територија, Зубков рече: „Ако не добиеме дозвола од Данска, ќе продолжиме со изградба во неутрални води.“
Во однос на крајот на проектот, Зубков нагласи: „Сè може да завршиме за околу 4-5 недели, но имаме време до крајот на декември, затоа не брзаме.“
Со проектот „Северен тек-2“, чија вкупна вредност се очекува да биде околу 10 милијарди евра, се планира 55 милијарди кубни метри руски гас да се испорача во Германија преку Балтичкото Море.
Покрај „Гаспром“, партнери на проектот се и компаниите „Шел“ („Shell“), ОМВ (OMV), „Енџи“ („Engie“), „Јунипер“ („Uniper“) и „Винтершел“ („Wintershall“). САД, Украина, Полска и балтичките земји се спротивставуваа на изградбата на проектот.