Ihvan Radoykov
04 Април 2021•Ажурирај: 05 Април 2021
СОФИЈА (АА) - Во Бугарија денес се одржаа парламентарни избори, а излезните анкети предвидуваат победа на партијата на десниот центар Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), предводена од премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, јавува Агенција Анадолија (АА).
На изворите право на глас имаа 6,35 милиони регистрирани гласачи, а во трката за нов состав на Парламентот, кој брои 240 пратенички места, се натпреваруваа 30 политички партии и коалиции со вкупно 6.895 кандидати.
Бугарската национална телевизија (БНТ) ги објави излезните анкети кои ги спроведе компанијата „Алфа Рисрч“ („Alpha Research“), а кои предвидуваат дека седум партии или коалиции ќе го поминат изборниот праг од четири отсто.
Според резултатите на излезните анкети партијата ГЕРБ освои 25,7 отсто од гласовите, додека најсилната опозициска Бугарска социјалистичка партија (БСП) освои 17,6 отсто од гласовите.
На трето место, со освоени 15,5 отсто од гласовите е партијата Има ваков народ (ИТН), предводена од музичарот и актер Слави Трифунов, а на четвртото место е Движењето за вистината и слободата, со освоени 11 отсто од гласовите.
Десничарската партија Демократска Бугарија (ДБ) освоила 10,4 отсто од гласовите, додека левичарската коалиција освоила 4,2 отсто од гласовите.
Изборните анкети предвидуваат дека со четири отсто од гласовите во новиот состав на бугарскиот Парламент ќе влезе и националистичка партија ВМРО, предводена од актуелниот министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов.
Официјалните резултати од парламентарните избори во Бугарија треба да бидат познати утре.