Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
12 Јуни 2025•Ажурирај: 13 Јуни 2025
ХАМИЛТОН (АА) - Израелските власти одбиле 29 од вкупно 35 обиди на ОН за пристап до резервите на гориво во Рафа од 13 април досега, соопштија ОН вчера, предупредувајќи дека недостапноста до гориво ја загрозува критичната инфраструктура низ Појасот Газа, јавува Анадолу.
Повикувајќи се на Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања (OCHA), портпаролот на ОН, Фархан Хак, на прес-конференција изјави дека „недостигот на достапно гориво може да доведе до затворање на здравствени установи, како и на објекти за вода и санитација“.
„Ова може да влијае врз најосновните програми. За вакцините, на пример, е потребно гориво за системите за ладење“, рече Хак, истакнувајќи ја и растечката опасност од прекин на клучните комуникациски линии.
„Нашите обиди за пристап до достапните резерви на гориво во Рафа и понатаму се одбиваат“, додаде тој, напоменувајќи дека само во понеделник Израел одбил 12 од 24 барања на ОН за хуманитарна координација во Газа.
Во нив се опфатени мисии за носење пивка вода до ранливи популации во Северна Газа, преземање клучни резерви со храна и гориво, како и поправка на важни патишта на југот, објасни Хак.
„Во периодот од 13 април до понеделникот, 29 од 35 обиди беа одбиени од израелските власти. И утринската мисија беше одбиена“, посочи тој.
Во соопштението на OCHA се нагласува: „Меѓународното хуманитарно право е кристално јасно: ако населението не е соодветно снабдено со основни средства за преживување, Израел мора да се согласи на хуманитарна помош и да ја овозможи со сите средства што му се на располагање.“