Ahmed Asmar
08 Мај 2024•Ажурирај: 09 Мај 2024
АНКАРА (АА) - Израелските власти денес најавија повторно отворање на трговскиот премин Керем Шалом со Газа по неколку дена од неговото затворање, јавува Анадолу.
Преминот, познат и како премин Карм Абу Салем, се наоѓа во јужниот дел на Појасот Газа, во близина на градот Рафа, кој од вторникот е нападната од страна на израелските сили.
Според Канцеларијата за врски на израелската Армија со палестинските територии, позната како Координација на владините активности на териториите (COGAT), преминот „сега е отворен за влез на хуманитарна помош во Појасот Газа“.
Се наведува дека преминот бил затворен во неделата по ракетниот напад на Хамас врз областа каде што се наоѓа преминот, а четворица војници биле убиени.
„Камиони со помош веќе пристигнуваат на преминот. По темелна безбедносна проверка, тие ќе бидат префрлени на страната на Газа“, додаде COGAT.
Преминот е главниот терминал за влез на хуманитарна помош за Палестинците во завојуваната Газа.
Израелската Армија вчера ја започна својата инвазија во источната област Рафа, во која израелската Армија упадна и ја окупираше палестинската страна на преминот Рафа со Египет, затворајќи ја единствената порта на Палестинците од Газа со светот.
Рафа е дом на повеќе од 1,5 милиони раселени Палестинци кои избегаа од војната откако Израел започна брутална воена офанзива врз Појасот Газа веќе седум месеци со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Оттогаш, во израелските напади се убиени повеќе од 34.800 Палестинци, главно жени и деца а над 78.100 други се повредени, во услови на масовното уништување и големиот недостиг на неопходни средства.
Според податоците на Обединетите нации, израелските напади врз палестинската енклава принудија 85 отсто од населението на Појасот Газа внатрешно да се раселат, предизвикувајќи акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.