Gülşen Topçu,Mohamed Majed
24 Октомври 2024•Ажурирај: 25 Октомври 2024
ГАЗА (АА) - Израелската армија ја нападна педијатриската интензивна нега на болницата „Кемал Адван“ на северот на Појасот Газа и ја опколи болницата, известува Анадолу.
Мунир ал Бурш, шеф на Министерството за здравство во Газа, за АА изјави дека израелската армија ги гранатирала горните катови на болницата каде што е сместена педијатриската интензивна нега.
Ал Бурш изјави дека израелската армија ја блокирала болницата и започнала интензивно бомбардирање на околните куќи.
Напоменувајќи дека повеќе од 160 пациенти и повредени во болницата се соочуваат со смрт поради недостаток на гориво и медицински материјали, Ал Бурш рече дека пациентите се во голем страв и паника поради нападите.
Од друга страна, во интервју за Ал Џезира, директорот на болницата „Кемал Адван“, Хусам Абу Сафије, изјави дека единицата за интензивна нега е тешко оштетена во нападот што го изведе израелската армија.
Истакнувајќи дека Израел не дозволил евакуација на пациенти или влез на медицински материјали во болницата, директорот Абу Сафије соопшти дека требало да бидат оперирани 15 пациенти, но тоа не можело да се спроведе бидејќи медицинските установи не биле достапни, а повеќето хирурзи биле задржани.
На 5 октомври израелската армија започна интензивни воздушни напади врз северниот дел на Појасот Газа, особено врз бегалскиот камп Џабалија, а на 6 октомври започна копнена офанзива врз споменатите подрдачја.
Се претпоставува дека овој чекор е преземен со цел да се евакуираат Палестинците од северот на Појасот Газа и со тоа да се подготви областа за изградба на населба за Израелците, што претходно беше објавено во израелските медиуми како „План на генералот“.
Портпаролот на израелската армија Авичај Адраи ги предупреди Палестинците во Беит Ханун, Џабалија и Беит Лахја во северниот дел на Појасот Газа и поделил карта на подрачјата што треба да ги напуштат.
Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври минатата година се убиени 42.847 Палестинци, од кои околу 17.000 деца и 11.378 жени, а 100.544 луѓе се ранети.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во Појасот Газа.